јули 2021

Интервју со Проф. д-р Мишко Ралев – UACS

Имавме чест да разговараме со Проф. д-р Мишко Ралев од факултетот за архитектура на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (UACS). Како докажан авторитет во својата област, отворивме теми кои се актуелни и кои зборуваат за новото урбано Скопје и за силата на новите генерации.

Зошто архитектура како животна определба?

Затоа што во себе содржи многу области од уметност, култура до математика и философија. Затоа е интересна и полна со предизвици. Се што правите во животот претставува искуство кое е добродојдено кога се создава архитектонско дело. Затоа што архитектонскиот простор не е само физички, туку и социјален, културен но и уметнички. Кога размислувате за конструкцијата на зградта како безбедносен систем, размислувате и за ликовните комоненти на просторот, размислувате и за здрави материјали, за здрава и инспиративна средина. И секако, околината на архитектот е полна со предмети, луѓе звуци, необична атмосфера, чист рокенрол.

Кои авторитети Ви беа и Ви се инспирација?

Неколку кругови на авторитети се во игра. Првиот е кгругот на авторитетите од херојската генерација кај нас, оние кои го изградија Скопје и градовите низ републиката, а беа и авторитети во пошироката заедница на Југославија, како што се Брезовски, Серафимовски, Папеш, Поповски, Муратовски, Димитров и други. Вториот е оној од подалеку, Мис Ван де Рое, Ле Корбизије, Алдо Роси, Аравена и многу други.

Како се најдовте во професорската катедра?

Како студент на последните години бев „означен“ од професорите дека треба да останам на факултет и да започнам образовна кариера. Така што и пред да дипломиран бев повикан од професор Југослав Каранаков да му бидам асистент, што јас без многу размислување го прифатив. Во суштна тоа беше своевиден комплимент за мене, дека ете имам квалитетит за да бидам наставник за кое нешто се бираат најдобрите студенти. И така се најдов во образованието.

Kолку предадени часови, колку студенти низ вашите раце, и колку генерации?

Многу, навистина. До сега за време од 33 години во образованието учествував и водев настава на 3 универзитети, два во Македонија и еден во Србија, а тоа значи на 4 факултети, Архитектонски факултет, Шумарски факултет на Универзитетот Св.Кирил и Методиј, Факултет за применети уметности на  Интернационалниот Универзитет во Ниш, Србија, се на се околу 3 500 студенти.

Како дојдовте до оригиналниот курикулум  на студии во рамки на УАЦС, по кој сте реномиран и познат?

Кога се појави идејата да се организира факултет за архитектура на Универзитетот Американ Колеџ СКопје, професорката Викторија Еремеева и јас бевме пред голем предизвик и суштинското прашање: каков факултет му е потребен на општеството а да не биде ист или сличен со тогаш единствениот во државата, Аехитектонски факултет на УКИМ, а при тоа да биде во рамките на законската регулатива, а кадрите што ќе излегуваат од него да можат да бидат компетитивни на пазарот на работната сила од областа на архитектонското проектирање и ентериерно дизајнирање. Јас веќе имав доволно искуство од работењето на архитектонскиот факултет но и меѓународно искуство работејќи во неколку проектантски бироа во странство, но сите беа во рамките на англосаксонскиот модел: В.Британија, Кипар, Зимбабве. Оттука решивме да понудиме една поинаква школа од постоечката која се базираше на гермаските инженерски школи. Од една страна тоа се вклопуваше во нашата цел да понудиме на пазарот нов образован субјект, но и различен и компатибилен со новите професионални барања во глобалниот свет на пртприемништво.

Каде е насочена студентската пасија денес? Кој правец го бираат и што најмногу ги интересира?

Денес архитектурата и дизајнот се не само проектантски професии кои се бават со дизајн на просторот и животната средина во секој вид, туку се и новата уметност на новото доба. Класичните вештини се на изумирање, архитектурата владее со облиците и уметничките компизиции еднакво како и со просторните барања на корисниците, и општеството во целина. Архитектонската едукација е најшаренолика, единствено во неа се вградени различни области од уметност, математика, философија, културолошки области, и отука архитектите се во предност над сите други креативци кои можат да се бават со многу креативни професии, од архитектура, индустриски дизајн, графички дизајн се до маркетинг и менаџмент. А се тоа ние преку наставната програма во голема мера го поттикнуваме. Затоа можам слободно да кажам дека студентите ги интересира се она што е актуелно во светот од било која сфера на професија.

Зошто новите генерации е тешко да ги предизвикаш?

Можеби затоа што изворот на информации во актуелно време е факт дека веќе ние професорите повеќе не сме нејзини чувари. Иљадници податоци можете да добиете во единица време преку разни пребарувачи. Тоа е и предност но и недостаток. Предност е за оние кои знаат, но за оние кои само површински ги допираат и користат информациите е своевиден проблем, како да се снајдат во изобилството и што е тоа што е потребно. Затоа и денешниот професор е изменет и тој е тука да ги насочи интересите кон податоци со кои ќе се достигне и обликува знаењето. Зашто не е невистинита синтагмата дека денес колку повеќе информации се добиваат толку помалку знаење се креира. Затоа е тешко да ги предизвикаш новите генерации, но е и поинтересно затоа што постои предизвик и професорот постојано да се „апдејтува“.

Имате високи критериуми за урбан развој на еден град. Како гледате на развојот на постсоцијалистичките градови во регионот? (брутализамот, едноликоста, бетонот и едноставноста, миксот на времиња)

Критериумите се објективни, тие се резултат на со векови напластени знаења, вештини и техники на создавање и одржување на урбаните населби. А во последните стотина години развојот на градовите се третира од озбилна интердисциплинарна наука која се обидува да ги разрешува напластените проблеми кои ги носи современото општество. Кај нас, ние се соочуваме со феноменот на постсоцијалистичкиот град за кој не постои соодветен пример во историјата и затоа не можеме да се ослониме на ниедно познато искуство. Историски гледано, ние во претходниот политички систем имавме среќа дека моделите врз кои се креираа стратегиите, обликовните и програмските плуралистички приоди се базираа на западните модели врамени во социјалистички интерпретации на општествените и политичките модели. Затоа, ние во тоа време од аспект на архитектура, уметност и култура бевме во чекор со многу поразвиените средини. Денес кога тој систем е укинат и не постои веќе долги 30 години не успеавме докрај да воспоставиме нов и ефикасен. ЗАтоа денешниот град е во тежок грч да направи баланс помеѓу побарувањата на општеството и интересите на поединецот во услови на либерален пазар и приватна сопственост. Така што претходниот брутализам е дел од еден креативен и индустриски систем кој пленува со избликот на во тоа време актуелност и креација. Да не заборавиме дека СКопје е сеуште на мапата на значајните светски градови кога станува збор за урбанизам и архитектура од тоа време. Истиот е предмет на многу истражувања на урбани модели и архитектонски изрази како резултат на светски влијанија. Но, денес е тоа уништено со непромислените автократски политички потези артикулирани преку еден налудничав проект од секој аспект – Скопје 2014.

Како треба да соработува општеството и јавниот сектор со младата талентирана сила?

Општеството треба да соработува со младите како со главна, водечка сила која единствено може да ги придвижи развојните планови и стратегии. Креатвниот дух кај нив треба да се препознае и да се вреднува, зашто денес светот претставува глобален економски систем во кој само способните и оние кои знаат да се прилагодат можат и да опстанат. Светот на информатичките технологии денес е мног различен од претходните периоди. Поимот за место е надминат. Секој може да работи од секаде. Мануелната работа се напушта, административната се намалува, а онаа која го зголемува приходот е работата со знаење. Отука, работниците со знаења се главните протагонисти на развојот на било кое општество па и нашето. Во светот веќе владее „војна за таленти“, затоа мораме да бидеме практични и чесни, младите мораат да бидат подржувани и правилно ценети, нема друг начин за опстанок на нашето општество.

Koи се шансите на градот Скопје за убав град?

Големи се. Скопје сеуште ја има задржано урбаната, архитектонската и обликовната структура која е добар почеток за „враќање на стариот сјај“. Се менуваат и општествените прилики но и се зголемува свеснста кај граѓаните, корисниците, градителите и проектантите за вредноста на просторот и за дефинитивниот податок дека истиот не е реверзибилен. Новите делување во просторот од архитектонско-урбанистички аспект влева надеж за прогрес

 Дали Скопје Ист Гејт е доволен да ја врати довербата на оние кои се поборници на старото и постоечкото?

Скопје Ист Гејт е нов исчекор со големи потези, нешто што долго време не сме го виделе ниту искусиле. Влева оптимизам во овој момент дека сепак ќе имаме нови квалитети во градскиот простор. Градежништвото сепак е јак мотор на општествениот раст, а тоа е веќе присутно кај нас со овој голем проект за мешана намена кој не само што цели кон градот туку цели и кон регионално значење.

новости

Слични новости

...
,,СОЗДАДОВМЕ РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР СО СВЕТСКИ БРЕНДОВИ”

Eксклузивно интервју со Игор Давков извршен директор на Ист Гејт Мол, и Влатко Богоевски извршен директор на “Cushman&Wakefield/FORTONMKA“ (ексклузивен лизиг агент на Ист Гејт Мол)

...
CINEPLEXX СО НОВА ЛОКАЦИЈА ВО ИСТ ГЕЈТ МОЛ

Водечкиот синџир на кинa во Југоисточна Европа инвестира 5 милиони евра во својата најнова локација во трговскиот центар Ист Гејт Мол во Скопје. Кино групацијата CINEPLEXX ја започна изградбата на својата втора локација во Скопје. Церемонијата се одржа во четвртокот, на 15 јули, во новиот трговски центар „Ист Гејт Мол“ каде што членот на Управниот […]

...
СОВРЕМЕНА ИНФРАСТРУКТУРА СЕ ЗАВРШУВА ВО РЕОНОТ ОКОЛУ СКОПЈЕ ИСТ ГЕЈТ

Прес со Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски и Извршниот Директор на Скопје Ист Гејт, Игор Давков.

...
ТИНЕКС отвора модерен хипермаркет во Ист Гејт Мол

TINEX го отвора наесен својот прв хипермаркет во склоп на трговски центар, токму во Ист Гејт Мол. TINEX HYPERMARKET ќе биде главниот маркет во трговскиот центар со површина од 2,000 m2.

...
Fashion Group со 8 нови брендови во Ист Гејт Мол

Mодниот лидер во нашиот регион ,,FASHION GRОUP” доаѓа во Ист Гејт Мол со сите свои трговски марки и отвора осум нови проекти на реномирани интернационални брендови,

...
The Athlete’s Foot влегува во Македонија, токму во East Gate Mall

Светски реномираниот THE ATHLETTHE'S FOOT кој припаѓа на групацијата Интерспорт за прв пат доаѓа во Македонија преку Ист Гејт Мол и ќе претставува големо освежување за љубителите на спортот.